На Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ се наздравуваше за посреќна иднина


Традиционалниот Фестивал на младо вино во организација на „Тиквеш“ викендов се одржува во Кавадарци, во кругот на нашиот најголем производител на вино.

Манифестацијата која што се одржува по 12. пат, по минатогодишната пауза поради мерките заради пандемијата со Ковид-19, и годинава собра голем број гости, стопанственици, комитенти и почитувачи на вината на „Тиквеш“, естрадни уметници, новинари, дипломати…

На овој настан се дегустираат млади вина од последната берба, а целта е покрај одредувањето на нивниот квалитет, да се создава винска традиција и да се зајакнува винската култура.

Во богатата забавна програма, годинава гостите ги забавуваат регионалната поп-ѕвезда од Хрватска Нина Бадриќ и босанската ѕвезда на севдахот Амира Медуњанин, како и домашните Мијата и Дани. Водител на настанот е Сашко Коцев.

Престижниот настан, прв и единствен од ваков вид во земјава фестивал кој има значајна улога во градењето и развојот на винската култура, годинава се одвива три дена, петок, сабота и недела. Првото отворање на бочвите со вино од годинешната берба се одвива под мотото „Да наздравиме за посреќна иднина“.  

Претседателот на Управниот одбор на Тиквеш, Светозар Јаневски рече дека на овој фестивал се прославува виното и се согледуваат резултатите од последната сезона. Тој нагласи дека преку манифестацијата сакаат да покажат како се справиле со предизвиците со кои се соочуваат како поради пандемијата, преку временските услови, состојбите во државата…

„Во целиот овој период, луѓето од ‘Тиквеш’, ‘М6 Аграр’ и нашите соработници – лозарите го понесоа најголемиот дел од товарот во решавањето на проблемите во целиот процес на производство на вино“, рече Јаневски, нагласувајќи дека поминале голем дел од патот до поставената цел – да бидат меѓу најдобрите вински брендови во светот.

„Тоа го постигнавме со големи и постојани инвестиции во технологија и знаење, големите залагања на вработените, парнерството со лозарите, и постојано вложување во знаењето и негово надградување“, рече меѓу другото Јаневски

Виното е еден од трите клучни производи на земјата кој директно или индиректно поврзува повеќе од 100 илјади граѓани и е наш амбасадор во повеќе од 35 земји во светот.