На Фаучи му олеснило што повеќе нема да противречи на претседателот на државата


САД– Водечкиот американски инфектолог Ентони Фаучи, советник во Белата куќа за пандемија на коронавирус, вчера призна дека му олеснило што повеќе не треба да му се спротивставува на Доналд Трамп.

Еден ден по инаугурацијата на новиот претседател Џо Бајден, директорот на Националниот институт за инфективни болести се врати во салата за прес-конференции во Белата куќа. Фаучи, кој имаше многу јавни настапи на почетокот на пандемијата, во последните месеци беше тргнат настрана од републиканската администрација. Тој рече дека се чувствувал непријатно на моменти за време на администрацијата на Трамп, иако не го спомна по име поранешниот претседател.

– Некои тврдења ме доведоа во непријатна положба затоа што не беа засновани на наука, рече 80-годишниот експерт, кој е многу популарен во земјата. Тој за пример ја наведе поддршката што Трамп ја изрази во март за хидроксихлорокин, антималаричен лек за кој се покажа дека е целосно неефикасен во борбата против коронавирусот.

– Не уживам да бидам во ситуација да му се спротивставувам на претседателот, рече Фаучи, додавајќи дека се чувствува слободен да зборува сега кога Бајден е на власт.

– Идејата дека можете да дојдете овде и да кажете што знаете, да презентирате докази и да ја оставите науката да зборува, е чувство што ве тера да се чувствувате слободни, рече Фаучи.