На економијата во еврозоната ѝ се заканува рецесија со двојно дно


Економската активност во еврозоната повторно забележа пад овој месец, откако вториот бран на корона вирусот го зафати целиот континент, зголемувајќи ги очекувањата за таканаречена рецесија со двојно дно, односно двојна рецесија, покажаа истражувањата во петокот.

Обновените ограничувања со цел да се стави под контрола пандемијата принудија многу деловни субјекти во доминантната услужна индустрија да ги ограничат операциите и речиси 90 отсто од економистите анкетирани од Ројтерс оваа недела изјавија дека постои голем ризик повторното обновување на корона вирусот да го запре забрзаното економско закрепнување на еврозоната.

„Индексот на менаџерите за набавки (PMI) во еврозоната (показател за деловната активност во секторот за производство и услуги, заб.) потврдува дека вториот бран на корона вирусот се повеќе ѝ тежи на економијата. Двојното дно во четвртиот квартал станува се поверојатно со оваа стапка“, вели Берт Колин од ИНГ.

Индексот „флеш композит“ на менаџерите за набавка што го изработува IHS Markit, кој се смета за добар показател на економското здравје, падна на 49,4 од последното читање од 50,4 во септември.

Тоа е под нивото 50 што го одделува растот од контракцијата и е само незнаачително подобар од 49,3 во анкетата на Ројтерс.

На ваквото ниво на индексот влијаеше PMI на услужната индустрија, кој потона повеќе од очекуваното на 46,2 од 48,0.

„Понатамошниот пад на композитниот PMI во еврозоната во октомври дополнително покажува дека вториот бран на инфекции и новиот бран мерки за ограничување нанесуваат огромна штета на економијата“, вели Џек Ален-Рејнолдс од „Капитал економикс“.

Анкетите во петокот покажаа дека економијата на еврозоната работи со две брзини, при што производството има корист од силната глобална побарувачка, но услугите се борат да останат активни бидејќи блокадите ги принудуваат потрошувачите да останат дома, а бизнисите да се затворат.

Повторувајќи ја поделбата помеѓу услугите и производството, германските фабрики се активираа овој месец, додека во Франција активностите се намалија бидејќи возобновувањето на вирусот ја погоди втората по големина економија во еврозоната.

Надвор од валутниот блок, а сега надвор и од Европската унија, економското закрепнување на Велика Британија исто така изгуби поголем интензитет, бидејќи ограничувањата ги погодија деловните субјекти во угостителството и транспортниот сектор.

ЗИМАТА ДОАЃА

Најверојатно претстојната зима ќе биде застрашувачка за пазарот на трудот, кој досега беше заштитен од отпуштања со владините шеми, бидејќи неизвесните изгледи значеа дека фирмите го намалија бројот на вработени за осми месец.

Компонираниот под-индекс на вработување се зголеми малку, но остана во негативната зона, додека анкетата на Ројтерс покажува дека стапката на невработеност на блокот нема да достигне врв најмалку шест месеци.

Со зголемувањето на стапката на инфекции и бројот на жртвите, оптимизмот падна. Индексот на деловни очекувања на услугите падна на 54,6 од 59,2, што е најнизок од мај кога беа олеснети првичните заклучувања.

Планот за стимулации вреден 750 милијарди евра и договорен од Европската унија во јули за поддршка на нејзините економии кои страдаат, ќе биде одложен, изјави во четвртокот висок дипломат, што исто така веројатно ќе има негативно влијание врз расположението.

Сепак, фабриките поминаа многу подобро отколку што се очекуваше. Зголеменото производство го искачи PMI на 26-месечен максимум од 54,4 поени и беше далеку над просечната прогноза во анкетата на Ројтерс.

Индексот за мерење на производството кој е дел од композитниот PMI, се искачи на највисоко ниво од почетокот на 2018 година.

Силната побарувачка за произведената стока значеше дека фабриките исто така можеа да ги зголемат своите цени за прв пат од средината на 2019 година, иако само малку.

Тоа ќе им обезбеди одредено олеснување на креаторите на политиките во Европската централна банка бидејќи инфлацијата, која тие ја сакаат да изнесува близу 2 отсто, е негативна веќе два месеци.