На еден месец до полнолетство не ми даваат да се вакцинирам со Синовак
Родителите по консултации со лекари се одлучиле за Синовак како најповолна поради склоноста на девојката на алергии, но од вакциналниот пункт во Битола биле децидни дека единствен избор за неа е Фајзер
Анета Блажевска
БИТОЛА – Средношколка од Битола која на крајот на септември полни 18 години, вчера отишла да се вакцинира, но била вратена од вакциналниот пункт во Битола бидејќи пројавила желба да се вакцинира со Синовак, а не со Фајзер.
Родителите на девојката велат дека власта прави кампањи младите да се вакцинираат, а не им дава право на избор. Всушност родителите после долги консултации со лекари се одлучиле да ја вакцинираат својата ќерка со Синовак како најповолна поради склоноста на девојката на алергии. Но, од вакциналниот пункт во Битола биле децидни дека единствен избор за неа е вакцината Фајзер и нема право на избор.
Родителите велат дека се дискриминирани и им е одземено право да се вакцинираат по своја желба.
-Нашата ќерка ќе полни 18 години следниот месец, по консултации со лекари се одлучивме да се вакцинира, но заради сите индивидуални карактеристики и специфики одбравме Синовак, вакцина која е најзастапена во моментов. Но во вакциналниот пункт во Битола утрово добивме ‘ладен туш’, кога ја вратија ќерката и ѝ кажаа дека за неа исклучиво може Фајзер. Кажете ми сега дали јас сум граѓанин на оваа држава, дали имам право да си го заштитам свето дете? Зошто не ми дозволуваат вакцина по мој избор? Зошто ако е доброволна вакцинацијата, родителот нема право да одлучи со што ќе се вакцинира неговото дете? Како тоа им треба моја согласност да кажам дека ќе се вакцинира, а не им треба мојата одлука да кажам која вакцина сме ја избрале. Каде е тука моралното право и правото? Јас како родител одлучувам дека поради покажаните алергии на пеницилин, не Фајзер, туку Синовак ја одбирам за вакцина. Ова јас го доживувам како одземање на правото мојата ќерка да се вакцинира и никако поинаку, вели родителот кој е познат на редакцијата на „Независен“.
Родителот сега има избор или да чека до полнолетство за еден месец и пол или да ја носи својата ќерка во друга држава во која како што вели не плаќа даноци, ама сепак во телефонски разговор му кажале дека има право на избор. Тој прашува зошто родителите и нивните деца, (станува збор за постар малолетник), немаат право на избор, односно да се вакцинираат со онаа вакцина за која ќе сугерираат нивните матични лекари и специјалисти.
-Како родител сметам дека сум дискриминирам и дека ми е одземено правото да го заштитам здравјето на своето дете со вакцина што постои во државата и е достапна на другите граѓани, како еднакви пред Уставот. Исто така како родител сметам дека дискриминацијата да ја избереме вакцината ќе се одрази и на неможноста да ги оствари и правата кои ќе и следуваат врз основа на вакцинален статус, како на пример патување во друга држава, реагираат родителите, потенцирајќи дека не постои право на ни едно политичко тело што може да го суспендира родителското право и да се грижи за правата и интересите на своето малолетно дете.
Од Министерството за здравство конкретно за овој случај ни одговорија дека „Одлуката на Националниот комитет за имунизација е лица до 18 години да се вакцинираат само со вакцина од производителот Фајзер. Одлуките на Националниот комитет се темелат на препораките на регулаторните тела, според кои единствено оваа вакцина е дозволена да се користи до оваа возраст, одговорија од МЗ за „Независен“.
Од вакциналниот пункт во Битола велат дека вчера имале зголемен број на граѓани кои покажале интерес за вакцинирање, а бројот на вакцинирани постојано расте.
Инаку и бројката на заболени во Битола постојано расте, па така завчера беа дијагностицирани 15 новозаболени, а вчера двајца. Во моментов во Битола има 126 активни случаи, а градот е на деветтото место по бројот на заболени во државата. Вчера беа вакцинирани вкупно 1.157 граѓани во вакциналниот пункт во Битола, од нив 329 на терен и 828 во пунктот. Од оваа бројка примодози се 421.