На џентлмен без мана, шармер, космополит и глобтротер Благоја Иванов

ПАРАХОДОТ... Благоја Иванов, помеѓу 4 февруари 1931  и 5 ноември 2022 година


  Јелена Лужина

 

Отпатувал завчера, во мугрите.

Еден од најдецентните и најсуптилните македонски писатели „на сите времиња“.

Автор со респективна творечка библиографија, создавана трпеливо, во текот на речиси седум полни децении.

Автентичен господин, џентлмен без мана, шармер, космополит и глобтротер.

Можеби прет-прет-последниот „асли скопјанец“ кој – наспроти сите ужасија кои катадневно му се случуваат на овој наш калпав, недоделкан и не претерано среќен град – останал безнадежно та неизлечиво вљубен во неговиот таинствен spiritus loci… Или, можеби, genius loci… Никој Скопје не го знаеше, не го сакаше и не го прераскажуваше со страста и со убедувањето на Благоја Иванов.  Дури ни Гане Тодоровски, во онаа негова дрдорлива, по сите нишани антологиска книга „Скопјани“!

Го запознав Благоја одамна, некаде кон средината и кон крајот на оптимистичките седумдесетти години на минатиот век. Се среќававме и се дружевме на тогашните големи театарски фестивали: сараевскиот МЕСС, Стериино позорје, БИТЕФ, Дубровничките летни игри…

Еднаш го поканивме во Риека, за да види една компликувана претстава во која работев како драматург. Сакавме да се пофалиме пред угледниот критичар!  И не помислував,  тогаш (ниту  на сон!), дека еден ден би можела да се разбудам како негова сограѓанка. Ама се случи, апансаз, да му станам дури и асистентка на скопскиот Факултет за драмски уметности! Беше тоа бизарна ситуација: по преселбата од Хрватска, наспроти тазе пријавениот скопски докторат и мојот тогашен д`ткав македонски јазик (Tarzan Macedonian!), сениорската професорска генерација на ФДУ – Илија Милчин, Илија Џувалековски, Матеја Матевски, Димитрие Османли, Љубиша Георгиевски, Тања Петковска, Тодорка Кондова, Ацо Алексиев, Благоја Иванов… – решава да ме вработи како помлад асистент. Командната одговорност ја презедоа Благоја Иванов и Ацо Алексиев. Моите витези без мана!

Благоја беше совршен професор: трпелив, тактичен, емпатичен,  кооперативен до немајкаде, хередитарно бесконфликтен… Татковска фигура. Кога „потпораснав“ до доцентскиот статус и почнав самостојно да ги водам испитите, ајде да речеме „поригидно“ од него, тој упорно и принципиелно ме „бранеше“ не само пред студентите кои „паѓаа“ како муви туку и пред колегите кои ме сметаа за „престрога“. Останав „престрога“ до крајот на професорската ми кариера и мислам дека тоа, нему, дури и му импонираше. Всушност, знам дека му импонираше! Како што и мене ми импонира јавно да се претставувам како неговата асистентка. До ден-денес.

Многупати зборувавме за неговите „поливалентни“ работни искуства кои се „развлекле“ низ речиси педесетина години жестока актива и грамадни одговорности. Уште во студентските дни, Благоја Иванов професионално работел како новинар; потоа критичар, уредник на повеќе сериозни редакции, менаџер во некои големи информативни  системи… Директорувал, на пример, со Телевизија Скопје… Изнасобрал речиси полувековен работен стаж, оној „формален“, за  пензија.

Ама писателскиот стаж – оној интимен, деноноќен, строго приватен, истоштувачки и вечно „автосуспектен“ творечки стаж… – е, тој му е речиси двојно подолг од „службениот“. Имено, од првите текстови, објавувани во најраните педесетти години од минатиот век (прецизно: во 1953/1954 година), до последната негова книга, испечатена неодамна (во 2021 година), поминаа речиси цели седум  децении. Или, „одокативно“, некои дваесет и пет илјади денови и ноќи! Добога, што кондиција мораше да има тој децентен, неискажливо пристоен и навидум ситничок човек!

Ако треба, накратко, да ја дефинирам авторската поетика на Благоја Иванов – имено, да посочам на фамозното „нешто“ кое неговите прози и есеи ги „разликува“ од прозите (и есеите) на некои други автори, не само тукашните – мислам дека треба да се фатам токму за најсилното во неговиот дискурс: неговата ексклузивна и ретка чувствителност, можеби и пречувствителност, тактилноста со која тој им „приоѓа“ на таканаречените детали, флуидноста со која (намерно) ги „обвиткува“… Чувствителноста секогаш му е поважна од таканаречените „информации“ („настани“, „заплети“, „расплети“…). Неспоредливо повеќе го интересираат „состојбите на духот“, отколку самата приказна. Тематскиот збор на неговиот опус е – копнеж. Сјајно „фатен“ во цела низа негови прози.

Меѓу кои и во антологискиот расказ „Кораби“ (1961), во кој баба му Ленка ја повторува песната „Параходот заминава“…