На Дунавската кула во Виена направен тобоган на височина од 165 метри


 

Почнувајќи од оваа есен, највисокиот тобоган во Европа на височина од 165 метри ќе го краси познатиот симбол на австриската престолнина, Дунавската кула. Новата атракција, која ќе ја краси оваа кула најмалку три години, ќе биде отворена во средината на ноември.

Како што соопштија виенските власти, за време на двочасовното поставување на осветлениот тобоган, целата област на Дунавската кула (Donauturm), како и самата кула, биле затворени од безбедносни причини. Делови од тобоганот, кој е дело на германскиот уметник Карстен Холер, беа доставени со хеликоптер и поставени на северната страна на кулата на централното ниво на височина од 165 метри.

Во иднина, посетителите со овој проѕирен тобоган ќе можат да се спуштат 15 метри до надворешната тераса на кулата, кој нуди фантастичен поглед на градот.

„Барањата не беа едноставни. Од една страна Дунавската кула е заштитен споменик на културата, а од друга страна важат највисоките градежни и безбедносни стандарди“, посочи извршниот директор на Дунавската кула, Херман Крамер.

Атракцијата, која е одлична комбинација на уметност и адреналин, дополнително ќе го подобри изгледот на кулата која постои речиси 60 години. Дунавската кула е изградена во 1964 година, а е создадена како дел од Виенската меѓународна градинарска изложба. Се наоѓа во близина на бреговите на Дунав во 22. градски округ Донауштат.

Нејзината вкупна висина е 252 метра и е највисоката зграда во Австрија. Централниот дел на кулата е на височина од 165 метри, а надворешните тераси се на висина од 155, односно 150 метри. Од 2001 година е заштитен споменик. Од неговото отворање досега го посетиле 23 милиони луѓе, а во изминатите неколку години околу 420.000 посетители годишно, соопштија виенските власти.