На ДУИ веќе не ѝ одговара Џафери да биде претседател


Пред финалето на шестите претседателски избори, владејачката ДУИ ја засили кампањата за поддршка на заедничкиот кандидат со СДСМ, Стево Пендаровски. Шефот на партискиот изборен штаб Изет Меџити одржа прес-конференција на која прогнозираше дека на контото на Пендаровски на 5 мај ќе се слеат околу 80 илјади гласа на поддржувачи на ДУИ, од кои околу 50 илјади, како што процени, во првиот круг отишле кај Блерим Река – независниот кандидат зад кој застанаа опозициските Беса и Алијансата на Албанците. Синоќа, пак, во Скопје требаше да се одржи т.н. централен „објаснувачки“ собир на ДУИ, на кој партискиот лидер Али Ахмети, како што беше најавено, требаше да им ги објасни на граѓаните ставовите на партијата за потребата за излезеност и гласање в недела.

– Ако нема цензус, тоа би значело голема криза во земјата и немање перспектива за понатамошен развој – изјави вицепремиерот Бујар Османи гостувајќи на 21 ТВ. Тој рече дека Пендаровски не е кандидат на СДСМ, туку дека е заеднички кандидат. Додаде дека ако не им се допаѓал Пендаровски како кандидат за претседател, ДУИ немало да го прифати.

Во кампањата пред првиот изборен круг, кој заврши со околу четири илјади гласа предност за Пендаровски пред опозициската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова и со мошне мала излезеност, забележливо беше отсуството на Ахмети. Затоа, пак, тој реши синоќа да настапи на централниот собир на партијата и да ги посоветува членството и поддржувачите да излезат на гласањето на 5 мај и со тоа да учествуваат во обезбедувањето на цензусот од над 40 проценти.

Во случај, пак, да не биде постигнат цензусот, тоа би значело нови избори, а можеби и уставни измени за промена на изборниот концепт, така што до изборот на нов шеф на државата таа функција би ја извршувал актуелниот спикер Талат Џафери, кој изјави деновиве дека, ако се случи изборите да не успеат, тој ќе ја извршува претседателската функција.

– Јас нема да бидам претседател, туку ќе ја извршувам функцијата како претседател на Собранието. Односно, заедно со функцијата претседател на парламентот ќе ја извршувам функцијата шеф на државата – рече Џафери.

Иако евентуалното доаѓање на Џафери, како прв претседател на Собранието од редовите на ДУИ, и на позицијата в.д. шеф на државата се сметаше за ретка можност партијата на Ахмети, макар и на неколку месеци да обезбеди контрола на двете формално највисоки функции во државата, проценките во политички кругови се дека таа варијанта веќе не им одговара на интегративците. Како причина за тоа се посочува најавата на премиерот Зоран Заев дека ако Пендаровски не биде избран за претседател ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори што би се одржале заедно со повторни избори за претседател.

Во сите изминати месеци, кога се ставаше во оптек можноста за вонредни парламентарни избори, ДУИ беше категорично против, со образложение дека треба да им се даде приоритет на реформските процеси. Од друга страна, во ситуација кога опозицијата бара предвремени избори, јасно е дека и без ДУИ ќе може да се обезбедат потребните 61 глас за распуштање на парламентот. Во таков случај, Џафери не подолго од три месеци би бил в.д. претседател, а со тоа и спикер во заминување, ако се имаат предвид уставните рокови за распишување предвремени избори за пратеници – во период од максимум 60 дена од распуштањето на парламентот, додека по евентуалните избори би останале уште 20 дена за одржување конститутивна седница на новиот собраниски состав.

Освен тоа, како предупредување за ДУИ се сметаат и околу 80 илјади гласа што ги освои претседателскиот кандидат Река, што е солиден резултат во кој свој удел секако имаат и опозициските партии на Албанците. Во тој контекст се и информациите за средба на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, инаку поранешен коалициски партнер на СДСМ, кој излезе од владата, главно, поради ривалството со ДУИ.

На претпоследниот ден од кампањата за овие избори, претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски излезе со проценка дека в недела ќе биде избран претседател на државата, односно дека ќе биде исполнет потребниот цензус. Во изјава во печатницата „Киро Дандаро“ во Битола, од каде што вчера тимови на ДИК го подигнаа избирачкиот материјал за вториот круг, Деркоски посочи дека очекува мирен изборен ден, чист, фер и демократски изборен процес, како предуслов за многу други работи кон кои се стреми државата.

Во избирачкиот список, кој беше заклучен на крајот на март, се регистрирани вкупно 1.808.131 гласачи, така што за да се оствари потребниот цензус на гласање треба да излезат најмалку 723.253 гласачи. Во првиот круг, на 21 април гласачкото право го искористија 753.520 избирачи, така што одѕивот беше 41,67 отсто.

Александра М. Митевска