На Димитриеска Кочоска не ѝ се допадна заклучокот на Антикоруциска за Ангеловска и ја нарече продолжена рака на Заев

Претседателката на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска денес ја нарече Државната комисија за спречување на корупцијата продолжена рака на Зоран Заев, откако на прес конференција рече дека е шокирана од заклучокот на комисијата за министерката Нина Ангеловска во случајот Еуростандард банка. Таа додаде дека тоа не е само нејзин став, туку и на партијата.

„Антикорупциска по мене и не по мене, туку е и став на ВМРО-ДПМНЕ, е само продолжена рака на Зоран Заев. Со оваа одлука која што ја донесе тоа е, и ништо повеќе не може да се заклучи за Антикорупциска“, рече Димитриеска Кочоска, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира објаснувањето на ДКЗСК дека Ангеловска имала етичка одговорност, но не и кривична со тоа што ги повлекла парите од Еуростандард банка.

„Јас денеска неколку минути пред пресот го прочитав ставот на Антикорупциската комисија и сум да не речам сум шокирана“, рече таа потсетувајќи на изјавата на Заев дека бил запознат за Еуростандард банка пред една година, како и дека гувернерката на НБ досега не се произнела кога адекватноста на капиталот на банката паднала под 8 што е законскиот минимум, односно дека банката требала да биде затворена една година претходно.

„Во меѓувреме Нина Ангеловска станува министер за финансии, поминува една година во која банката е под тој законски минимум и министерката полека го намалува својот депозит. Најшокантно, на месец и пол пред избори таа ги повлекува и последните средства, а притоа да не заборавиме таа е дел од Комитетот за финасиска стабилност. Како може Нина Ангеловска да нема информации и да не знае дека банката последната година имала проблеми?“, рече Димитриеска Кочоска додавајќи дека се поставува прашањето дали таа намерно и полека го вадела својот депозит за да не биде воочливо и дали заради такви случаи како на Ангеловска се одолговлекувал стечајот на банката.

Инаку, на прес конференцијаата Димитриеска Кочоска рече дека случајот со Еуростандард банка „тежи“ околу 200 милиони евра, колку што и вредеше активата на банката заклучно со 31.12.2018 година, кога е и последниот јавно расположлив ревизорски извештај на банка.

„Епилогот е 100 илјади блокирани сметки, четириесетина илјади пензионери без своите пензии, измамени штедачи и над 20 милиони евра депозити кои што ќе останат непокриени“, рече Димитриеска Кочоска.