На Денот на полицијата организиран од Чулев се заразиле четири полицајци


Четворица од учесниците на прославата на МВР по повод Денот на полицијата, што ја организираше министерот Наќе Чулев, се позитивни на корона вирусот, соопшти министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Според неа, наспроти загриженоста што деновиве нападно ја манифестира ВМРО-ДПМНЕ за здравјето на граѓаните за да избегне избори, министерот за внатрени работи го организираше контроверзниот настан без да води сметка дека некој од учесниците ќе се зарази.

Место да одговори каква е таа двојна грижа за здравјето, Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, возврати со обвинувања против лидерот на СДСМ, иако темата беше друга.

-На Наќе Чулев не сакам да му бидат портпарол, одговори Николоски, фраза што ја користат и други функционери на ВМРО-ДПМНЕ кога ќе им постават незгодно прашање за министерот за внатрешни работи.

Околу изборите Шекеринска посочи дека ниту граѓаните, ниту политичките партии, ниту сојузниците во странство, никој не посакува оваа состојба на половично функционални институции  да продолжи до бесконечност.

Шекеринска истакна дека СДСМ има принципиелен став за клучните прашања да се постигне консензус меѓу политичките партии, бидејќи меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ има голема разлика во однос на практикувањето на демократијата. Сепак, нагласи дека тоа е тешко во услови кога ВМРО-ДПМНЕ отстапила од првичниот став дека се можни избори на средината на јули.

„Ние имавме закажани и договорени избори кои поради епидемијата не можеше да се случат. Но, факт е дека секое одлагање на изборите ќе не доведе во ситуација да се справуваме со неколку типови на кризи. Страв ми е дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба беше став агонијата да продолжи. Да се справуваме и со финансиската криза, и со здравствената криза со која се справува целиот свет, а притоа да не можеме да одиме на две нозе. Во секоја нормална ситуација опозицијата би сакала час поскоро да го прекине тој сооднос во кој Владата нема демократска контрола од страна на Собранието“, заклучи Шекеринска.

Според неа, почетокот на август е лош период за почеток на кампањата, а  дополнително нема ни експерт кој ќе гарантира дека во август нема да имазаболени и нема да има никакви ризици.

-Сите најави се дека вториот пик ќе се случи во септември, заедно со сезонскиот грип подоцна. Дали ние тогаш треба да се занимаваме со кампања и преговори или со полн капацитет да се сконцентрираат на суштинските прашања, праша Шекеринска.

Таа оцени дека врвен приоритет за СДСМ е интересот и здравјето на граѓаните и тоа се потврди со начинот на Владата се справила со здравствената и економската криза, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ  која цел период игра ситна политика.