На Црногорците не им треба зелен картон за патување во ЕУ, Велика Британија, Норвешка …
Од 2 август годинава на Црногорците кои ќе патуваат во некоја од земјите на Европската унија, како и во Велика Британија, Норвешка, Исланд, Андора, Швајцарија со Лихтенштајн и во БиХ нема да им биде потребен зелен картон со кој ќе докажуваат дека имаат осигурување за возилото во странство, јавија црногорските медиуми.
Ова е овозможено откако Црна Гора со одлука на Генералното собрание на Советот на бирото во Брисел во септември 2020 година, стана член на т.н. Подсистем за регистарски таблички на Системот на зелена карта и по потпишување на мултилатерален договор меѓу националното биро за осигурување на Црна Гора и 34 бироа на земјите-членки на потсистемот, но и по верификација на ваквата одлука од страна на Европската комисија.
Според Борис Шабан, извршен директор на Националното биро за осигурување на Црна Гора, верификацијата на одлуката од страна на Европската комисија им овозможи на сопствениците на моторни возила од Црна Гора да патуваат во земјите членки на потсистемот (земји-членки на ЕУ, Велика Британија, Норвешка, Исланд, Андора, Швајцарија со Лихтенштајн и Босна и Херцеговина) без контрола на поседувањето на зелен картон (како доказ за осигурување од одговорност од моторни возила за штета предизвикана на трети лица) од страна на надлежните органи на овие земји.
„Се укинува обврската за проверка на осигурувањето – зелен картон за сите возила со црногорски регистарски ознаки од страна на официјалните власти на границите на Европската економска област (ЕЕА) и Босна и Херцеговина. Режимот без зелени картони е веќе воспоставен во меѓусебниот сообраќај со Република Србија со Договорот за заемно признавање на полисите за осигурување и тој не се менува со влегувањето на Црна Гора во потсистемот. За патување во преостанатите земји-членки на системот на Зелен картон кои не се во т.н. Подсистем на регистарските таблички (Албанија, Северна Македонија, Турција, Белорусија, Русија, Украина, Молдавија, Тунис, Мароко, Азербејџан, Иран и Израел) сепак ќе треба зелен картон како доказ за осигурување за возила со црногорски регистарски ознаки што ќе биде контролирано од страна на надлежните органи на наведените земји. “ вели Шабан.
Реципрочно, истото правило важи и за влез на возила со регистарски ознаки на земјите-членки на подсистемот на територијата на Црна Гора каде што предмет на контрола нема да биде зелен картон како доказ за осигурување, додека за возила со регистарски ознаки на земјите кои не се членки на подсистемот при влез во Црна Гора сепак ќе им биде потребен зелен картон и тој ќе биде контролиран од надлежните органи на Црна Гора.