На чија сметка ќе оди Мицкоски на партиски собир во САД – на државна или на ВМРО-ДПМНЕ?
На листата на говорници на конференцијата ЦПАЦ го нема Мицкоски. За присуство на конференцијата се плаќаат билети - тие чинат од 95 долари до 15.000

Конференцијата на конзервативната политичка акција (ЦПАЦ) е годишна политичка конференција на конзервативните активисти и функционери од САД. Таа ги собира републиканците и оние што се и подесно од нив на повеќедневни различни активности, на кои има и познати говорници од американскиот политички живот. Понекогаш има и странци.
ЦПАЦ ед поширок чадор од Републиканската партија. Таа се одржува во различни периоди од годината, а сега е темпирана да биде точно еден месец по преземањето на власта на Доналд Трамп. Таа последниве години е собир за идеолошка потпора на трампизмот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан има неколку пати учествувано на годишните конференции на ЦПАЦ и неговите говори беа најавувани како посебен настан. ЦПАЦ има и своја франшиза во Будимпешта: ЦПАЦ – Унгарија.
На годинешнава партиска конференција што ќе се одржи во Вашингтон од 19 до 22 февруари ќе замине и премиерот Христијан Мицкоски по неговото учество на Минхенската безбедносна конференција. Ова ќе биде трето патување на Мицкоски во САД од минатиот јули.
Се разбира дека премиерот може да оди на идеолошки блиски партиски собири во странство. Ако оди на партиски собири (со него е и делегација) прашањето е со чии пари се покриваат ваквите патувања. Дали со државни или со пари од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Ако за тоа се користат државни средства тоа ќе биде непримерна злоупотреба.
„Независен“ испрати прашање до портпаролката на Владата, Марија Митева, да ни даде појаснување од чија сметка ќе се покриваат трошоците. Одговорот е кус: „Поканет е како премиер“.
Премиер на партиски собир во странство?
Може да изгледа регуларно, но сепак, не е.
Одговорот на ова прашање не е неважен, затоа што учеството на годишната конференција на ЦПАЦ се плаќа. Се купуваат билети. Се чини неверојатно дека Мицкоски ќе треба да плати билети за учество на конференцијата, но доколку делегацијата е поголема (а не знаеме колкава е) може да се случи да мора да се купат и билети.
Купувањето билети е една од најударните пораки на веб-страницата на годинашнава конференција на ЦПАЦ. Во Америка сѐ е бизнис, па и учеството на партиска конференција.
Цените на билетите имаат голем распон: Општ (генерален) билет чини 95 долари. За вечерата наречена „Роналд Реган“ треба да се платат 395 долари.
Има место и за посебен пристап. Тоа се вика „Премиум искуство“. Таму има сребрени, златни, платинести билети. Сребрениот билет чини 3.000 долари, Златниот 7.000, а Платинестиот билет 15.000. Најскапиот – Платинестиот плус билет е распродаден.
Ва веб-станицата на ЦПАЦ се наведени сите говорници кои се предвидени за годинашнава конференција. На листата на говорници го нема Христијан Мицкоски.
Има само неколкумина говорници од странство. Тројца од нив зборуваа и лани: аргентинскиот претседател, либертаријанецот Хавиер Милеи; поранешната британска премиерка Лиз Трас, која заврши ужасно неславно за само 40 дена; и лидерот на крајната екстремистичка и франковистичка десница во Шпанија, Сантијаго Абаскал.
Меѓу американските функциониери кои треба да бидат говорници на ЦПАЦ има значајни личности: сенаторот Тед Круз, советникот за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, сенаторот Рик Скот, портаролката на Белата куќа, Керолин Ливит; како и Ричард Гренел, пратеникот на Трамп за специјални мисии. (Н.В.)
(Тектстот е апдејтуван со изјавата од Владата)