На центарот на Скопје му фалат 4.000 паркинг места, велат од ПОЦ

Фото: Б.Грданоски

Во центарот на Скопје има значително поголема побарувачка на места за паркирање во споредба со капацитетот на постојните паркиралишта. ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), само во делот на паркинг зоните со кои стопанисува, во моментов забележува недостиг на 4.030 паркинг места.

Од ова јавно претпријатие за „Мета.мк“ велат дека располагаат со 5.173 обележани паркинг места на сите отворени и затворени паркиралишта со кои тие управуваат. Наспроти ова, бројот на активни кориснички договори за повластени паркинг карти за жители на општина Центар за прво возило во моментов изнесува 9.203.

Од „ПОЦ“ потенцираат дека решението на проблемот го гледаат во подобрување на јавниот превоз и инфраструктурата на алтернативниот превоз (велосипеди, електрични тротинети) во градот Скопје – велат за „Мета.мк“ од „ПОЦ“.

Од „ПОЦ“ информираат дека на територијата на општина Центар има околу 220 хаварисани возила кои ги зафаќаат постојните паркинг места. И за нивното дислоцирање се бара решение, со што би се ослободиле дополнителни паркинзи за возилата.