На бугарското МНР не му се допаѓа што прави Пендаровски, не требало да се сретне со ОМО „Илинден“

Министерството од Софија вели дека позитивната клима по седницата на двете влади е нарушена со постапките на претседателот Стево Пендаровски


Стево Пендаровски прими осуммина претставници на Македонците од Бугарија

 

Средбата на претседателот Стево Пендаровски со претставници на здруженија на Македонци од Пиринска Македонија  стана предмет на осуда на бугарското Министерство за надворешни работи. Во официјално соопштение ден по средбата одржана во резиденцијата на претседателот, Софија вели дека „изразува загриженост за последните случувања во Република Северна Македонија, поврзани со постапки на функционери кои создаваат негативни ставови во јавноста и кои се во спротивност со позитивната клима создадена од активните напори на владите на Бугарија и Северна Македонија“.

Без да го именува по име, бугарското МНР вели дека „по успешната заедничка средба на владите на двете земји, повторно сме сведоци на зголемување на јавната тензија предизвикана од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови прашања влегувајќи во конфликт со Договорот за пријателство, добрососедство. а соработката од 2017“.

Според министерството, ваквите постапки „не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања во насока на забрзување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија. Ги повикуваме одговорните фактори во нашата соседна земја да покажат политичка зрелост и да дадат конструктивен придонес во тековниот процес на враќање на меѓусебната доверба“, се вели во соопштението.

Пендаровски во петкотот, 28 јануари, се сретна со осуммина претставници на македонски здруженија. По средбата Кабинетот на претседателот објави штуро соопштение во кое се наведуваше дека претставниците на здруженијата го информирале Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество. Пендаровски им кажал дека почнува нова фаза во односите меѓу двете држави и дека двете страни искажуваат волја за напредок на процесот и дека Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.

Бугарскиот премиер Кирил Петков за време на испрашувањето во тамошното собрание за односите со Македонија во петокот изјави дека надворешната политика се води во извршната власт, а не во другите сегменти, па ни кај претседателот на државата. „Не се фокусирам на зборовите на Пендаровски“, рече тој. (Н.В.)