На британска територија само годинава илегално влегле над 12.000 албански граѓани


Најмалку 12.000 албански граѓани годинава илегално влегле на територијата на Велика Британија, а кулминација на движењето била забележана од јуни до октомври.

,,Британските пратеници со загриженост истакнуваат дека над 12.000 албански граѓани илегално со гумени чамци влегле на британска територија а врвот на движењето бил од јуни до октомври, потврдуваат податоците објавени од Комитетот за внатрешни работи во британскиот парламент”, јави Топ чанел.

Според истиот извор во 2020 година влегле 20 а минатата 800 албански граѓани.

,,Годинава таа појава претрпе страшен скок, што изгледа се должи на тоа што преку морскиот пат плаќаат пониска цена, 4 илјади наспроти 22 илјади фунти што може да чини премин со камиони. Од овие 12.000 илегални имигранти, 10.000 се полнолетни машки лица. Само 12 отсто од албанските мажи успеваат да добијат азил, а добар дел од нив не се ни трудат да го побараат”, наведува телевизијата.

Значителниот раст на бројот на Албанци кои се обидуваат да влезат во Британија со гумени чамци, ја поттикна поранешната министерка за внатрешни работи Прити Пател да бара начини како брзо да ги врати, а главниот аргумент е дека Албанија се смета за безбедна земја.

Во напорите на британските власти за спречување на овој феномен почна со пилот-проектот преку кој 12 албански мигранти, 9 мажи и три жени, деновиве беа вратени назад веднаш по пристигнувањето во Обединетото Кралство, што го оценуваат како силно предупредување да не се обидуваат илегално да влезат на британска територија.

Поради оваа загрижувачка појава, главно присутна меѓу жителите од северниот дел на земјата, албанскиот премиер Еди Рама во неколку наврати упати апел да се откажат од намерата а средствата кои ги плаќаат да ги инвестираат во сопствен бизнис, во што ќе имаат помош и поддршка од владата.