На Борис Бекер му се заканува затворска казна до седум години


Англија– На легендарниот германски тенисер Борис Бекер (54) денеска во Лондон му почна судскиот процес за измама при личен банкрот, за што му се заканува казна затвор до седум години.
 

Во повеќе од 20 точки од обвинението, британското правосудство го обвинува Бекер дека во стечајна постапка се обидел да прикрие пари и други вредни предмети, вклучително и тениски трофеи, како и за прикривање поседување на недвижен имот.

Наводно им предал пари и други предмети на поранешната сопруга Барбара и ќерката, и го прикрил поседувањето на имотот. Според обвинението, тој криел и акции во една од компаниите.

Трикратниот победник на Вимблдон ги отфрла сите обвиненија. На првото рочиште тој се изјасни дека не е виновен по ниту една точка од обвинението. Одлуката ќе биде позната по три недели и теоретски на Бекер му се заканува затворска казна до седум години во Велика Британија.

– Во суштина сум позитивна личност и секогаш верувам во доброто. Верувам и во британската правда, изјави Бекер, додавајќи дека ќе се обиде да ја докаже својата невиност.

Во 2002 година, судот во Минхен го осуди Бекер на две години условно и парична казна од 300.000 евра поради даночно затајување од речиси 1,7 милиони евра.

Бекер прогласи банкрот пред пет години, а во момент на банкротот неговите долгови беа проценети на близу 60 милиони евра.