Нови 11 нови свлечишта на автопатот Кичево – Охрид, проектот го чешлаат ДЗР и експерт за Фидик договори

Рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември годинава, а до тогаш ќе треба да се донесе одлука со најсоодветното решение за негова дореализација


Фото: Б. Грданоски

На трасата на недовршениот автопат Кичево – Охрид се појавиле дури 11 нови свлечишта, информира денеска Министерството за транспорт и врски, при што се осврнува и на наредните чекори околу овој капитален проект.

Во однос на новите свлечиштата на трасата од Министерството посочуваат дека ќе се ангажираат меѓународни експрети кои ќе дадат предлог проектански решенија и мислење за целокупниот проект.

Инаку, деновиве за изградбата на автопатот Кичево – Охрид, се произнесоа премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби, кои јавно порачаа дека ќе се побара ревизија на договорот за изградба, како и дека треба да се размислува и за раскинување на договорот затоа што и по 10 години не е пуштен во употреба ниту еден километар од автопатот.

Денеска преку соопштение до медиумите од Министерството за транспорт и врски во однос на прашањата поврани со проектот за изградба на автопатската делница Кичево -Охрид информираат дека во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и усогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции.

„Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид“, се вели во соопштението.

Од Министерството укажуваат дека ова е потребно од причина што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект.

„Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Северна Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. Приоритет на Владата е завршување на овој проект и во таа насока ќе се преземат сите активности за негова реализација“, се вели во соопштението до медиумите.