На аеродромот во Тирана само во август 1,7 милиони патници
Само во август на меѓународниот аеродром во Тирана поминале 1,717 милиони патници, објави албанската агенција АТА, повикувајќи се на министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџа.
Во видео обраќање Гонџа рече дека податоците ја одразуваат растечката привлечност на Албанија како туристичка дестинација и зголемениот интерес на странските посетители. Тој го спомна 17 август како рекорден ден, во кој аеродромот опслужил повеќе од 60 илјади патници и 326 летови во рок од 24 часа, што според него, е уште еден показател за оваа нова реалност.
„По јули, со речиси еден милион 650 илјади патници или 28,1 отсто повеќе споредено со јули минатата година, овие бројки го потврдуваат постојаниот раст на туризмот и постојано растечкиот интерес за Албанија. Албанија поповрзана со Европа и светот значи повеќе можности за туризам, повеќе развој за локалните економии и поголема одговорност за градење квалитетен, одржлив и целогодишен туризам“, вели министерот Гонџа.
Нагласува дека европските оценки, исто така, го потврдуваат овој напредок, рангирајќи ја Тирана меѓу аеродромите со најбрз раст во категоријата големи аеродроми.
„Повеќе воздушни врски значат повеќе можности за туризам, повеќе развој за локалните економии и поотворена, подостапна и поконкурентна Албанија на меѓународниот туристички пазар“, додава Гонџа.
Овој раст, според министерот, е истовремено и одговорност да се продолжи со работа за квалитетен, одржлив и целогодишен туризам.