На аеродром во Ирска, Зеленски имал неформална средба со директорот на ЦИА
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со директорот на Американската централна разузнавачка агенција (ЦИА) Џон Ратклиф за време на застанувањето на аеродромот Шенон во Ирска на пат кон Њујорк, објавија британските медиуми.
Зеленски и Ретклиф разговарале неформално додека нивните авиони се полнеле со гориво, изјавија неименувани извори, додавајќи дека содржината на нивниот разговор не е позната.
Зеленски бил на пат кон Њујорк каде ќе присуствува на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН, додека Ретклиф се враќал од состанок со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси.
До средбата дошло на помалку од еден месец откако шефот на ЦИА замина за Москва, каде што се сретна со високи руски владини претставници за да разговараат, меѓу другото, за војната во Украина.
Според американскиот весник „Њујорк Тајмс“ Ратклиф ја повика Москва да постигне договор пред нејзината воена и економска ситуација дополнително да се влоши.
Британскиот весник „Фајненшел тајмс“, исто така, на почетокот на септември објави дека Ретклиф би можел да биде поканет да игра истакната улога во дипломатските напори на Вашингтон за завршување на војната, додека американската администрација размислува за преиспитување на составот и распределбата на улогите во рамките на својот преговарачки тим.