На 92 години почина Џин Кенеди-Смит, последната од браќата и сестрите на Џон Кенеди


Џин Кенеди-Смит доби Медал на слободата од претседателот Барак Обама за нејзината улога во мировниот процес во Северна Ирска (Фото: Ројтерс)

Џин Кенеди-Смит, последната преживеана од браќата и сестрите на убиениот претседател Џон Ф. Кенеди, која како американски амбасадор во Ирска во 1990-тите играше клучна улога во мировниот процес во Северна Ирска, почина во средата на 92-годишна возраст.

Кенеди-Смит почина во нејзиниот дом во Менхетен, изјави нејзината ќерка Ким за Ројтерс, одбивајќи да даде причина за смртта.

Осмо од деветте деца родени на Џозеф и Роуз Кенеди, Кенеди-Смит беше нарекувана „срамежливата Кенеди“, додека долго беше во сенката на нејзиниот славен татко и браќа, вклучувајќи ги и сенаторите Роберт и Едвард Кенеди.

Нејзиниот сопруг, Стивен Смит, беше доверлив советник кој помогна во водењето на деловните интереси на семејството Кенеди, и имаше важна улога во претседателската кампања на Џон Кенеди во 1960 година и менаџираше со претседателските кампањи на Роберт и Едвард.

Кенеди-Смит го запозна Роберт во 1945 година со својата соученичка од колеџот Менхетнвил, Етел Скакел, со која тој подоцна се ожени.

Таа се запозна со политиката помагајќи во кампањата на Џон во 1946 година за Конгресот. Во 1960 година, тогаш сопруга и мајка, Кенеди-Смит патуваше низ земјата, водејќи кампања за него во неговата тесна победа над потпретседателот на републиканците, Ричард Никсон, со што Џон да стане првиот католички претседател на Америка.

Претседателството на Џон Ф. Кенеди заврши трагично со неговото убиство на 22 ноември 1963 година, во Далас. Пет години подоцна, Кенеди-Смит и нејзиниот сопруг беа во хотелот „Амбасадор“ во Лос Анџелес кога Боби, две години постар од неа, беше убиен откако победи на примарните избори во Калифорнија меѓу демократите.

Како и остатокот од нејзиното семејство, Кенеди-Смит беше соочена со трагедии. Родена  во 1928 година, во Бруклин, Масачусетс, имаше само 16 години кога нејзиниот најстар брат Џозеф Кенеди јуниор беше убиен во Втората светска војна. Четири години подоцна, нејзината постара сестра Кетлин „Кик“ Кенеди почина во авионска несреќа.

Таа се омажи за Смит во 1956 година и тие се населиле во Њујорк, каде што израснаа четири деца. Нејзиниот сопруг почина од карцином на белите дробови во 1990 година на 63-годишна возраст. Кенеди-Смит се грижеше за братот Тед пред да умре од рак на мозокот во август 2009 година, само две недели по смртта на нивната постара сестра Јунис Кенеди-Шрајвер.

Кенеди-Смит направи свој скок во центарот на вниманието во 1993 година кога стана американски амбасадор во Ирска, 30 години откако го придружуваше брат Џек во неговата триумфална посета на татковина на нивните предци. Номинирана од претседателот Бил Клинтон по предлог на нејзиниот брат Едвард, таа беше решена да го користи даблинскиот пост, традиционално синекус за пензионираните ирско-американски политичари или деловни лидери, за да ја унапреди мирот во Северна Ирска.

Додека петгодишниот мандат на Кенеди во Даблин привлече и критики, таа доби признание од сите страни како катализатор за промени. Ирскиот новинар Тим Пат Коаган, кој интензивно пишуваше за ИРА, рече дека Кенеди-Смит помогна „да се промени ирската историја на подобро“.

Таа беше наградена со почесно ирско државјанство во 1998 година за нејзините напори и му рече на „Вашингтон пост“: „Имав среќа да бев на вистинското место во вистинско време“. (Ројтерс)