На 90 години почина Стипица Калоѓера, еден од најзначајните хрватски композитори
Загреб – Почина Стјепан Стипица Калоѓера, еден од најзначајните хрватски композитори, аранжери, диригенти и продуценти. Имаше 90 години. Хрватското друштво на композитори известува дека тој починал пред неколку дена.
Стипица Калоѓера уште од мали нозе покажал исклучителен талент за музика. Во Загреб најпрвин почнал да свири на виолина, а подоцна и на труба и пијано. Во 1962 година дипломирал на Медицинскиот факултет. И покрај оваа титула, тој се посвети на музиката.
Неговата професионална музичка кариера започна во 1958 година кога стана член на Танцовиот оркестар на Радио Загреб (денес Биг Бенд на ХРТ). Во тој оркестар бил трубач, потоа пијанист, а од 1991 до 1993 година музички продуцент.
Направил околу 70 забавни песни, меѓу кои се издвојуваат Vino i gitare, Ti si moja obala, Dobra večer, uzorita, Sviraj mi, gitaro, Margarita, Cesarica, Vjeruj mi, Krovovi, Ti, koju ne poznam, Poslije kiše dolazi sunce, Bit ćeš uvijek moja, Adrese moje mladosti, Ča je bilo tega više ni, Ponoćno sunce i Tvojih pola sata. За време на неговата богата кариера, тој компонираше и аранжираше повеќе од 4.000 дела за различни музички ансамбли.
Во 1994 година го освои Поринот за најдобар аранжман благодарение на песните Галеб и Скалинада и Цесарица. Истата година заедно со Арсен Дедиќ го освои Порин за најдобар продуцент за албумот Тихи обрт, а во 1998 година го освои и Порин за најдобар продуцент со Арсен Дедиќ за албумот Министерство. Во 2010 година му беше доделена наградата за животно дело Порин.