На 89 години почина Милка Ефтимова, примадона на сцената, примадона во животот

Посмртните останки ќе бидат изложени в сабота, на 16 август, во 10 часот во капелата во Радовиш, а погребот ќе се изврши во 11 часот на гробиштата во Радовиш


Фото: Б. Грданоски

Утрово во Скопје почина Милка Ефтимова, оперска примадона која настапувала во повеќе од 20 земји во светот. Имаше 89 години. Алт и мецосопран певица, доајен на Македонската опера и редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Ја паметиме по прекрасната улога на Кармен, која ѝ донесе и регионална слава и по прекрасниот глас што останува наше културно и духовно наследство и безвременска вредност и радост на нашето поднебје.

Милка Ефтимова е родена во Радовиш на 26 февруари во 1936. Завршила средно музичко училиште во Штип, музичка академија во Љубљана, и предавала на Факултетот за музичка уметност и во средното музичко училиште во Скопје. Во 1961 за првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со улогата на Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава.

Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009).

Фото: Б. Грданоски

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонија, во 2022 година, ја одликуваше Ефтимова  со Орден за заслуги на Република Северна Македонија, заедно со Милица Стојанова и Стојна Вангелова.

„Во овие времиња кога човештвото се соочува со многу предизвици, за сите оние кои живеат и дишат со оперската музика, токму таа претставува нивниот најголем прозорец кон поубавото и попријатното, кажа оперската примадона Милка Ефтимова, авторка на македонскта порака за Светскиот ден на операта, 25 Октомври, 2022 година. 

„Операта, како најкомплексна и најсложена уметничка форма се создава и се восприема само со љубов. Тогаш, состојбата на човековиот дух преминува во друга димензија, во која моќта на оперската уметност може негативната енергија да ја трансформира во позитивна, невозможното да го претвори во возможно и апстрактното да го направи конкретно. Едноставно, да ја промени реалноста. Посакувам во иднина, оперската уметност како производ на творечката имагинација на голем број великани од музичката историја и современост, преку изведбите во живо на актуелните уметници, но и преку снимените аудио и видео изданија на сите оние кои ги овековечиле своите интерпретации, уште повеќе и многу посилно да допира до човековото срце и што подлабоко да продира во човековата душа“, рече Ефтимова меѓудругото во македонската порака за Светскиот ден на операта.

Во декември 2023, се организираше изложба на личните предмети на Ефтимова кои ги донираше на Музејот на македонската борба во Скопје.
 
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски

Ефтимова последните години од животот ги помина во дом на стари лица во Скопје.

Националната опера и балет (НОБ) објави дека посмртните останки ќе бидат изложени в сабота, на 16 август, во 10 часот во капелата во Радовиш, а погребот ќе се изврши во 11 часот на гробиштата во Радовиш.

Милка Ефтимова, примадона: Дамата на сцена е дама и во животот