На 81 година почина академик Момир Поленаковиќ


На 81-годишна возраст денеска почина академик Момир Харалампие Поленаковиќ, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Академик Момир Поленаковиќ е роден на 26 април 1939 година во Скопје. Медицински факултет завршил во Скопје во 1963 година, кога бил прогласен и награден како најдобар студент – првенец на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Специјализација по интерна медицина завршил во 1969 година. Во 1977 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Клиничко-имунолошка процена на патолошките настанувања во бубрежните гломерули“. За редовен професор е избран во 1988 година. Работел на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје, а во периодот од 1990 до 1997 година бил директор на Клиниката за нефрологија. Од 2005 година, во пензија, неуморно продолжи да работи во областа на медицината и со своите трудови и научноистражувачката работа да придонесува во оваа област.

Од МАНУ потсетуваат дека Поленаковиќ нашите сознанија и достигнувања ги соопштувал во земјава и во странство во над 550 отпечатени научни и стручни трудови. Редактирал и издал пет книги со реферати од конгреси и научни состаноци. Автор е на книгата со наслов „Исхрана кај болните со бубрежна инсуфициенција и на дијализа“, публикувана во 1997.

Академик Поленаковиќ беше првиот кој во нашата земја воведе добивање на бубрежно ткиво по пат на перкутана бубрежна биопсија и овозможи иследување на свежо добиено бубрежно ткиво со имунохемиски методи. Прв го воведе лекувањето со рекомбинантeн еритропоетин, на реналната анемија кај пациенти лекувани со дијализа. Во 1977 година учествува во изведувањето на првата бубрежна трансплантација на Медицинскиот факултет во Скопје.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите беше избран на 26 јуни 1997 година, а во периодот 2004 – 2007 година беше нејзин потпретседател. Во периодот 2011 – 2017 год., Поленаковиќ беше раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ на МАНУ. 

По повод неговата смрт, Македонската академија на науките и уметностите и Медицинскиот факултет при УКИМ ќе одржат комеморативна седница преку видеоконференциска врска.