На 54 привремено вработени во „Водовод“ нема да им се продолжи договорот


Фото: Б. Грданоски

Во скопското јавно претпријатие „Водово и канализација“ од работа ќе бидат избркани 54 привремено вработени, стручни лица, (водоинсталатери, механичари, инженери, возачи, односно технички персонал) на кои Управниот одбор на претпријатието, претседателот на УО Идриз Орана, заедно со членовите од ВМРО-ДПМНЕ, усвоиле одлука со која им се прекинува работниот однос.

– Бројот на привремено вработени во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје на кои нема да им биде продолжен договорот изнесува 54 – одговорија од „Водовод и  канализација“, на прашањето од „Независен“ за колку работници се работи.

Дополнително, на прашањето зошто токму стручните лица се привремено, а не трајно вработени, од таму велат дека советниците во Советот на Град Скопје, не ја изгласал Програмата за вработување за 2023 година.

– Статусот на привремено вработените лица, кои всушност се стручни кадри, потребни на работните позиции, не е сменет од вработување на определено во вработување на неопределено време, бидејќи за Планот за вработување за 2023, во текот на оваа година не беше изгласана согласност од страна на советниците на ВМРО ДПМНЕ во Советот на Град Скопје – одговорија од „Водовод и канализација“.

Инаку, во утринското соопштение од ова јавно градско претпријатие, потпишано од директорот Драган Илиески, вината за ваквата состојба се префрла на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои ги сметаат за најодговорни за превработеноста во претпријатието од времето на нивното владеење.

„Кога станува збор за вработувања на административните позиции на кои се наоѓаат нивните партиски војници. И додека претпријатието е превработено со административци, ЈП „Водовод и канализација“ се соочува со сериозен недостаток на технички персонал како водоинсталатери и инкасатори кои сега членовите на Управен одбор ги бркаат од работа“, велат од „Водовод и канализација.

Сметаат дека на овој начин од  ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека воопшто не е важно што директно се загрозува безбедноста на Градот Скопје, но и редовната и непрекината испорака на услугите на ЈП „Водовод и канализација“ до секој дом во главниот град.

„Последно е прекинувањето на договорите на водоинсталатери, механичари, инженери, возачи, односно технички персонал од ЈП „Водовод и канализација“ кои со години работат во ова претпријатие. Единствена цел на ВМРО-ДПМНЕ со оваа постапка е да се предизвика нов хаос во градот Скопје, притоа воопшто не грижејќи се за потребите на граѓаните на главниот град, нивната безбедност и со Устав загарантираното право на испорака на вода. За ВМРО-ДПМНЕ единствено е важен партискиот и политичкиот интерес“, се додава во соопштението потпишано од директорот.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ: Сите членови на Управниот одбор на „Водовод“, се избрани од Арсовска

„Градоначалничката Данела Арсовска, треба веќе да знае дека Управниот одбор на „Водовод“, е нејзин, поточно на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кое е претпријатие на Градот Скопје. Сите членови на Управниот Одбор се избрани и именувани на предлог на Данела Арсовска.

И пред да почне да реди етикети за нејзиниот Управен Одбор, преку нејзиниот поданик, директорот Драган Илиевски треба да се информира за своите претходни одлуки“, велат од паријата.