На 27 април во Дебар маало ќе се чествува животот на Горан Стефановски


Семејството на ненадејно починатиот драмски писател и професор Горан Стефановски информираше дека на 27 април ќе се одржи чествување на неговото лик и дело.

„На 27 април на неговиот 67ми роденден, сабота, во Дебар маало (кај кругчето карши Наџак), прво ќе се сади дрво во малото паркче, а потоа ќе има кратки читања, проекции на слики и видеа, музика итн. Идејата е да го прославиме неговиот живот и работите што тој ги сакаше, а се разбира и да се видиме и да пијнеме по нешто. Ќе дадам повеќе информации за времето на настанот, ама за сега само сакав да ве замолам да го резервирате денот“, најави неговиот син Игор на социјалната мрежа Фејсбук.

Стефановски почина на 27 ноември 2018 година во Кентбери, Велика Британија каде што живееше подолго време.
Тој е роден на 27 април 1952 година во Битола, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и МАНУ. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

Горан беше автор и на текстови на неколку албуми на прочуената рок група „Леб и сол“, чиј фронтмен беше брат му, гитаристот Влатко Стефановски.