На 16 декември можно е да се зголеми цената по километар за приватните превозници
Во Град Скопје денеска се одржа координативен состанок во врска со одлуката за зголемување на цената по километар за приватните превозници.
Од Град Скопје соопштија дека по вчерашната Седница на Советот на Град Скопје, на која не беше донесен заклучок во рамки на законските и деловнички процедури, денеска се одржал координативен состанок на кој учествувале градоначалничката и секретарот на Град Скопје, координаторите на советничките групи кои ги претставуваат политичките партии во Советот на Град Скопје, членови на Советот, претставници на стручните служби на Град Скопје и претставниците на приватните превозници.
На средбата, се посочува, е донесен заклучок според кој во рок од 15 дена треба да се изготви анализа во која согласно утврдената методологија ќе се утврдат реалните трошоци за извршување на услугата јавен превоз, од страна на експерти вешти лица, претставници на стручните служби на Град Скопје од соодветните сектори и со земање на предвид на поднесените податоци од страна на претставниците на приватните превозници.
-Анализата со предлог решение и одлуки да се презентира од страна на стручните служби на 16 декември пред истиот состав на координативен состанок, по кој членовите на Советот на Град Скопје ќе имаат можност да се изјаснат со носење на одлука со која ќе се изврши корекција на надоместокот за приватните превозници од страна на Советниците во Советот во Град Скопје, стои во соопштението од Град Скопје.