На 13 септември голем концерт на Дарио, Елена Ристеска, 2 Бона, Кристина Арнаудова, Викторија Лоба и Барбара Поповиќ во Центар


И оваа година, музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“ повторно ја носи вистинската магија во Центар. Во сабота, 13 септември 2025 година, со почеток во 19:30 часот во Паркот на Франкофонија, скопјани ќе имаат можност да уживаат во настапите на најпознатите македонски изведувачи Кристина Арнаудова, Викторија Лоба, Барбара Поповиќ, 2 Бона, Елена Ристеска и Дарио со Миг-21. Вечерта ќе ја води Вера Јанковиќ.
 
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите центарци, но и жителите на градот Скопје да бидат дел од оваа музичка вечер. 
 
„Настанот „Нешто што ќе остане“ стана препознатлив белег на културниот живот во Скопје. Горди сме што секоја година го организираме овој концерт кој ги обединува генерациите, ја промовира македонската музика и остава вистинска трага за едно убаво време. Годинава, имаме одлични изведувачи кои ќе се погрижат концертот да биде нешто што ќе остане во нас, но и во културната меморија на Центар“, вели Герасимовски. 
Неколку години, „Нешто што ќе остане“ е симбол на културна програма која го збогатува Центар, привлекува илјадници посетители и претставува место каде музиката и уметноста создаваат незаборавни спомени.