На 11 се зголеми бројот на жртви во вчерашното невреме во Италија


Бројот на загинати во невремето што вчера вечер го зафати централниот италијански регион Марке се искачи на 11, а две лица се сметаат за исчезнати, соопштија денеска властите.

„Продолжуваме со потрагата за да се обидеме да ги пронајдеме двете исчезнати лица“, се вели во соопштението на провинцијата Анкона. Според локалните медиуми, се работи за осумгодишно дете и 56-годишна жена.

Маче беше погоден од силен дожд, на некои места еднаков на просечните врнежи за шест месеци, што предизвика поплави и лизгање на кал.

Во некои делови од регионот водата навлегла во подрумите. Многу автомобили биле однесени од порои од вода, а некои се затрупани под наноси од кал. Поради свлечиштата и дрвјата кои се скршиле пред налетите на ветерот и дождот, отсечени се бројни локални патишта, што им ја отежнува работата на спасувачите.

Во повеќето делови на Италија и денеска продолжи невремето. Сè уште дуваат силни ветрови, особено на западниот брег на земјата, во областа Тоскана и провинцијата Рим.

Повеќе врнежи се очекуваат во регионот Марке, а локалните власти ги повикаа жителите да останат дома.

„Не останувајте на приземјето од вашите куќи. Засолнете се на горните катови“, им порача на своите сограѓани градоначалникот на Сенигалија, Масимо Оливети. Во Равена, утрово невремето го прекина врските за пристанување на норвешкиот крузер Viking Sea, на кого што имало 870 патници и 200 членови на екипажот.

Требало неколку часа да се направат чувствителни маневри и да се ангажираат пет шлепери за да се стабилизира бродот и да се врати на пристаништето.