МЗТ со огромна победа во Задар дојде на чекор од враќање во АБА


МЗТ Скопје поведе со 1:0 во бараж дуелот за опстанок, односно влез во АБА лигата. Македонскиот претставник како гостин дојде до голема и изненадувачка победа над фаворитот Задар во арената „Крешимир Ќосиќ“ со 89:83, па за враќањето во елитата на Јадранот потребна е само уште една победа пред своите навивачи во СЦ „Јане Сандански“ во вториот натпревар.

Од самиот почеток екипата на МЗТ беше подобар противник, а веќе по четири минути направија двоцифрена разлика (17:5). Избраниците на Ѓорѓи Кочов не запираа, до заминувањето на одмор само ја зголемија предноста, а во еден момент МЗТ водеше и дури со 21 поен разлика (47:26) во 15-та минута.

Задрани не беа расположени вечерва, предоцна се разбудија во второто полувреме, па на крајот успеаја само да избегнат убедлив пораз. Најефикасен во редовите на МЗТ беше Бојиќ со 24 поени, а веднаш зад него беше Вудард со 22 поени, додека на спротивната страна во редовите на поразениот тим Лука Божиќ уфрли 19 поени.

Следниот меч помеѓу двете екипи се игра во Скопје на 23 април, а победникот во серијата ќе биде екипата која ќе дојде до два триумфи, а добивката е место во АБА лигата следната сезона.