МЗТ Скопје потпиша со младинскиот репрезентативец Волкановски


Поранешниот македонски младински репрезентативец, Иван Волкановски (20 год, 209 см) од денеска е нов член на МЗТ Скопје Аеродром, откако потпиша тригодишен договор со нашиот клуб.

Ова е своевиден влог во иднината, со оглед што станува збор за талентиран центар кој воедно е и еден од највисоките македонски кошаркари во моментов. Тој доаѓа од таборот на АВ Охрид каде што ја доигра минатата сезона, а има настапувано и за тимот на Вардар.

Волкановски е деветиот кошаркар кој во моментов е под договор со МЗТ Скопје Аеродром, за кој во новата сезона ќе играат уште и Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Кристијан Николов, Ранко Мамузиќ и кенискиот интернационалец Нуни Омот.

Тренер ќе биде Ѓорѓи Кочов, кој веќе го закажа почетокот на подготовките за новата сезона и тоа за 15 август.