МЗТ испушти меч топка, Задар дојде до драматичен „рибрејк“ во Скопје


Драмата која ја нуди регионалната кошаркарска лига не е завршена со синоќешната мајсторка помеѓу Црвена Звезда и Будуќност, туку продолжи вечерва во Скопје, каде се играше вториот меч од плеј-аутот во регионалното натпреварување помеѓу МЗТ Скопје и Задар. Хрватскиот клуб се реваншираше за поразот во арената „Крешимир Ќосиќ“ и израмни на 1:1 во серијата, па сега МЗТ ќе мора на гостински терен за седум дена во мајсторка да се бори за статусот јадрански прволигаш.

Задар славеше против МЗТ со 78:77 благодарение на сега веќе кошаркарските ветерани Владимир Дашиќ и Лука Жориќ, кои покрај себе го имаа исклучително расположениое Марио Литл. Американецот беше најефикасен кај гостите со 20 поени, Жориќ уфрлу 17, а Дашиќ 12. Сепак, Жориќ и Дашиќ во клучните моменти од мечот заиграа на искуство и му нанесоа огромни проблеми на МЗТ Скопје, иако на крајот одлучуваше само една топка.

МЗТ водеше цели три четвртини, а во третиот период избраниците на Ѓорѓи Кочов имаа предност и од дури 14 поени (51:37), што сепак не беше доволно за да го одведат мечот во мирна завршница.

Сепак, МЗТ во финишот од мечот дополнително го протурка фантастичниот Џејмс Вудард, кој се надоврза на добрата игра на Лестер Медфорд од првиот дел од мечот. Постигна многу важни поени, меѓу кои и последните осум на МЗТ на натпреварот.

Вудард успеа да го врати МЗТ во живот, но потоа концентрацијата кај него опадна. На девет секунди пред крајот промаши слободно фрлање за израмнување, но Жориќ му додели втора шанса со исфрлање на топката во аут. Американецот се обиде со соло акција да донесе победа на МЗТ, но неговиот шут во последната секунда беше прекраток, па серијата сега повторно се враќа во Задар.

Вудард го заврши мечот со 26 постигнати поени, додека Медфорд уфрли 17, а Иванов 14 поени.