МЖСПП: Високата загаденост на Кичево денеска беше грешка


Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека високите вредности на ПМ 10 суспендираните честички кои пред кратко време се појавија на мерното место во Кичево се резултат на стабилизација на мерниот инструмент по настанат прекин со напојување со електрична енергија на тамошната Автоматска мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух, во периодот од 15 до 19 часот.

При тоа настанат е прекин во мерењата на сите параметри за квалитет на воздух вклучувајќи ги и мерењата на концентрацијата на ПМ 10 честичките. По доаѓањето на електричната енергија мерните инструменти се рестартирани, а појавените високи вредности на измерени концентрации на суспендираните ПМ честички се случија поради процесот на стабилизација на инструментот по неговото повторно ставање во функција и се невалидни, информираа од надлежното министерство.

Инаку, денеска според податоците од мерната станица, во Кичево се отчитуваше висока вредност на ПМ10 честичките, односно 441 мг/м3, што е осум пати над дозволените 50 мг/м3.

Во моментов, според истата мерна станица, загаденоста на воздухот во Кичево со ПМ10 честички изнесува 174 мг/м3, сто сепак е повеќе од три пати над дозволеното.