МЖСПП: Усвоени предлозите и изменувањата на осум закони од областа на животната средина

Фото: Б. Грданоски

На денешната 26-та владина седница беа утврдени предлозите за измени и дополнувања  на осум закони од областа на животната средина, соопшти Министетството за животна средина и просторно планирање.

Се работи за: Законот за квалитет на амбиентен воздух, Законот за животна средина, Законот за заштита на природата, Законот за водите, Законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, Законот за планински патеки, Законот за заштита од бучава и Законот за генетски модифицирани организми.

Министерот Насер Нуредини по повод успешното завршување на владината процедура за усвојување на предлозите, посочи дека дел од овие предлози еднаш веќе беа доставени до Собранието, но не беа усвоени поради неговото распуштање.

– На почетокот на мандатот, беше доставен предлогот за предвидување можност за покачувањето на глобите во областа на животна средина во Законот за прекршоците до Собранието и сега соодветно ги изработивме измените и на сите посебни закони. За усвојување на овие предлози, неопходно е Собранието на РСМ да ги донесе измените на Законот за прекршоците и се надевам дека тоа ќе биде сторено во најкус можен рок, за да може да бидат усвоени и овие клучни измени во областа на управувањето со воздухот и контаминираните подрачја и да започне спроведувањето на измените и во пракса, истакна Нуредини.

Во овие измени и дополнувања, како што соопшти МЖСПП, направено е усогласување со Законот за прекршоците и Законот за инспекциски надзор, при што е предвидено и дополнително зголемување на висината на глобите (до 20 пати), согласно претходно предложената измена на Законот за прекршоците која е доставена до Собранието на усвојување.

– Со повисоките глоби за прекршоците во животната средина, како и воведување на обврската за надоместување на сторените штети, се очекува обезбедување поголема заштита на животната средина и превентивен, односно одвраќачки ефект кај загадувачите, информира Министерството.

Покрај покачувањето на висината на глобите, во Законот за квалитетот на амбиентниот воздух и Законот за животна средина се предвидени дополнувања на материјалните одредби со цел подобра регулација на областите. Имено, во Законот за квалитетот на амбиентниот воздух се врши транспозиција на ЕУ директивата за воздух при што се предвидени попрецизни обврски за локалната самоуправа за изработка на Планови управување за воздух, со конкретни и задолжителни мерки што треба да се преземат при зголемени концентрации на загадувачки материи: регулација на транспорт, индустрија, работно време, ослободување на ранливи групи и слично.

– Ова произлегува од фактот, дека особено во зимскиот период имаме во повеќе наврати надминување на среднодневните гранични вредности на концентрација на ПМ 10 и ПМ 2,5 суспендирани честички во градовите низ целата држава и има потреба од спроведување на краткорочни и среднорочни мерки намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот. Постоечкиот начин на подготовка на плановите за квалитет на воздух на ниво на зона/агломерација се покажа како тешко применлив, и поради тоа со измените и дополнувањата на Законот се појаснуваат надлежностите и процедурите за изготвување и усвојување на планови за квалитет на воздухот и на краткорочните акциски планови, наведува МЖСПП.

Воедно се утврдуваат критериумите за тоа кои ЕЛС се должни да подготвуваат и спроведуват вакви планови. Исто така, измените и дополнувањата на законот дефинираат и надлежности на одредени органи на државната управа со цел да се олесни спроведувањето на одредени краткорочни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот при надминување на прагот на алармирање. Дополнително, се даваат овластувања на други државни инспекторати за вршење надзор во спроведување на краткорочните мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

Во случаите кога нема да постапат единиците на локалната самоуправа, се предвидува можност за преземање на задолжителните мерки од страна на Владата.

– Во Законот за животна средина, пак, главната измена е во поглед на контаминираните подрачја, односно историското загадување, при што се предвидуваат конкретна методологија за идентификација, обврска за изработка на План за ремедијација и содржина на планот. Имено, согласно постојната законска регулатива од областа на животната средина, статусот контаминирано подрачје не е препознаен, па оттука не се определени ниту прагови на степен на загаденост на медиумите на животната средина, по чие надминување подрачјата ќе можат формално да се идентификувани. Следствено, не е пропишана методологијата за воспоставување на тие гранични вредности, односно за прогласување на контаминираните подрачја и нивно управување со што нивното прогласување значително е отежнато, соопштува ресорното министерство.

Покрај тоа, има измени во однос на висината на надоместоците за животна средина, заради стимулирање поеколошки моторни возила, а предвидена е и можноста за усвојување задолжителни еколошки стандарди од страна на министерот за животна средина.