МЗ: Зависниците ќе добиваат метадон на локација која им е најблиску до местото на живеење


Пациентите кои се вклучени во програмата за третман и превенција на зависности ќе можат да добиваат метадон на пет локации кои им се најблиску до местото на живеење, односно во поликлиниката во населбата Ченто, во поликлиниката „Јане Сандански“, во Психијатриска болница-Скопје, на веќе познатата локација во Општина Кисела Вода и во Градската општа болница „8 Септември“,  информираат од Министерството за здравство.

Од Министерството посочуваат дека регистрирани се вкупно 520 пациенти кои се дел од програмата за лекување и третман на зависности. Се планира по околу 120 пациенти да ја земаат терапијата во наведените пунктови, освен во ГОБ „8 Септември“ каде ќе ја земаат помал број пациенти.

– Во тек се административно-технички подготовки на пунктовите кои се веќе просторно опремени и веднаш по нивното завршување тие ќе бидат пуштени во функција, наведуваат од Министерството.