МЗ: Се демонтира мобилната болница, останува монтажната болница како тријажен центар


Фото: Б. Грданоски - демонтирање на мобилна болница

Министерството за здравство попладнево потврди дека се демонтираат шаторите од мобилната болница која беше поставена како надополнување на капацитетите на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во случај на зголемување на бројот на пациенти на кои би им бил потребен хоспитален третман.

Мобилната болница се демонтира, а во неа не влезе ниту еден пациент

Мобилната болница „Role 2“ добиена како донација од Норвешка, имаше капацитет од 130 кревети и комплетна опрема. Болницата беше поврзана со топла врска со Клиниката за инфективни болести и фебрилни заболувања и беше поставена во соработка со Министерството за одбрана и Армијата во март.

– Ова е голем успех што немавме потреба од дополнителни капацитети за згрижување пациенти од ковид-19, бидејќи од почетокот на епидемијата во земјата постоечките болнички капацитети за хоспитализација на овие пациенти се стабилни и исполнети само 10 проценти. Успешно го амортизиравме ударот врз нашиот здравствен систем, но покажавме подготвеност да се справиме и со полоши сценарија, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Во меѓувреме со донација од Швајцарската амбасада се постави монтажна болница како дел од системот за понатамошното справување со ковид-19 во земјата.

Таа ќе се користи како КОВИД центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника, каде што ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат, согласно нивната здравствена состојба.