МЗ: Преку МојТермин, ЈЗУ почнаа да креираат термини за прегледи и интервенции во септември


Министерството за здравство соопшти дека согласно епидемиолошката состојба со Ковид-19 во државата, веќе може да се закажуваат прегледи и интервенции во електронскиот систем МојТермин. Сите јавни здравствени установи веќе ги креираат термините за прегледи и интервенции во септември.

Согласно изготвениот план за работа, а во соработка со Управата за електронско здравство, ќе бидат повикувани пациентите чии прегледи беа откажани изминатиот период. Исто така, сите елективни хируршки програми, кои беа претходно одложени поради состојбата со пандемијата од Ковид-19, ќе бидат реализирани согласно изготвените планови и протоколи на стручните колегиуми, информираат од Министерството.

Закажаните прегледи ќе се спроведуваат согласно претходно подготвениот план и протокол за работа на установата, со задолжително користење лична заштитна опрема од вработениот персонал на сите нивоа на здравствена заштита, почитување на физичка дистанца и негрупирање. Воедно ќе се врши и задолжителна редовна контрола над примената на превентивните мерки и донесените протоколи за работа од назначеното одговорно лице за контрола на Ковид-19 и Комисијата за заштита од интрахоспитални инфекции, со цел да се спречи можната трансмисија на инфекцијата со вирусот.

Во здравствената установа ќе биде дозволен влез на лица со специјалистички и супспецијалистички упат 15 минути пред закажаниот термин за преглед, при што ќе биде дозволен влез само на уште еден придружник. Задолжително е носењето заштитна маска на пациентот и придружникот при влез во здравствената установа на закажан преглед или прием на болничко лекување.

Сите јавни здравствени установи се задолжени да постават дезинфициенси за раце при влезот во установата и тие да бидат поставени на видно место јасни насоки за пациентите, а одговорно лице од установата е задолжено да спроведува термален скрининг, епидемиолошка проценка и контрола на носењето лична заштитна маска на пациентите, како и одржување физичка дистанца во чекалните на амбулантите за преглед, стои во соопштението од Министерството за здравство.