МЗ: Починатиот 24 годишен ресенчанец побарал да се лекува дома


Дваесет и четири годишникот ресенчанец кој почина како последица на Ковид-19 одбил да остане на болничко лекување и побарал да биде пуштен на домашно лекување, велат од Министерството за здравство. 

Од таму велат дека на инфективното одделение во болницата во Битола бил примен на 24 август како суспектен на болеста. Бил во тешка здравствена состојба, со ниска сатурација и отежнато дишење, со масивна бронхопневмонија.

„Откако ја примил терапијата, пациентот одбива да остане на болничко лекување, иако запознаен со сериозноста на состојбата и потребата од доиследување, пациентот бара да биде пуштен на домашно лекување. По потпишана изјава дека си оди на сопствена одговорност, пациентот е испишан со препишана терапија која треба да ја прима во модуларната болница во Ресен“, велат од министерството.

Следниот ден, меѓутоа, како што додават од МЗ, момчето било донесено од болницата во Охрид со цел да биде хоспитализиран во Битола.

„Веднаш хоспитализиран во тешка општа состојба со ниска сатурација, поставен на двојна кислородна поддршка, интензивна терапија, но и покрај тоа постојано му се влошува состојбата и паѓа сатурацијата. На 27 август утрото и покрај обидите на лекарите да го спасат, пациентот починал“, посочуваат од министерството.