МЗ: Пациентите кои се позитивни на тестот за коронавирусот во Систина, ќе мора да се тестираат и во ИЈЗ


Министерството за здравство соопшти дека сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на антитела кои ги прави болницата Систина, задолжително треба да направат тест за присуство на вирусот во Институтот за јавно здравје, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во министерството.

Во однос на објавите во дел од медиумите за бројот на позитивни случаи од тестираните пациенти во Систина, Министерството за здравство појаснува, како што се наведува во соопштението, дека тестовите кои ги користи приватната клиника Систина се различен тип од тестовите на сите останати институции.

-Имено, тие тестови го детектираат присуството на антитела на вирусот Ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус. За позитивни се сметаат оние пациенти кои се позитивни на вирусот и исклучиво тие се водат и внесуваат во дневната статистика. Сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на антитела кои ги прави Систина, задолжително треба да направат тест за присуство на вирусот во ИЈЗ, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во министерството, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

Инаку, некои медиуми вчера објавија дека во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, со т.н. брзи серумски тестови од холандско производство, се тестирани 327 луѓе, од кои дури 54 се позитивни.

Претходно, за четири дена, од 28 до 31 март, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, биле тестирани вкупно 485 луѓе, од кои 34 биле позитивни. Во првите четири дена само 20 отсто од тестираните биле со зголемена температура и со симптоми за инфекција.