МЗ: Обезбедени 23 единици конвалесцентна плазма за третман на 23 пациенти со Ковид-19


Во изминатиот период се реализирани 16 дарувања на конвалесцентна плазма, од кои седум дарувања со постапка плазмафереза на клеточен сепратор и девет преку стандардно дарување на целокупна крв, информира Министерството за здравство, од каде наведуваат дека со ова, обезбедени се 23 единици конвалесцентна плазма за третман на 23 пациенти со ковид-19.

-Коронавирусот е сигнификантна нова закана за јавното здравје поради брзото ширење, каде се огромни напори да се спречи. Неодамна во Институтот за трансфузиона медицина се изготви протокол за дарување конвалесецентна плазма. Дарител на конвалесцентна плазма може да биде секое лице кое е излечено од овој вирус и кој ги исполнува условите за дарување наведени во протоколот, истакнуваат од Министерството за здравство.

Конвалесцентната плазма содржи антитела против корона вирусот создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и истите со дарување  конвалесцентна плазма може да се користат во сузбивање на болеста во друго лице со ковид-19.

-Голема благодарност до сите оние излекувани пациенти кои даруваа конвалесцентна плазма и упатуваме апел до сите кои поминале низ овој вирус да даруваат плазма за побрзо да го спречиме ширењето на овој непредвидлив вирус, наведуваат во соопштението.