Забранети сите летови од Велика Британија за Македонија


Фото: Б. Грданоски
Премиерот Зоран Заев објави дека се забранети сите летови од Велика Британија, а дополнително се воведува задолжителна самоизолација од две недели за сите кои ќе пристигнат од таа земја, на било кој начин.

„По најновите информации поврзани со појавата на забрзано ширење на коронавирусот во Велика Британија, на денешниот главен кризен КОВИД-19 штаб донесовме одлука за забрана за сите летови од Велика Британија во Северна Македонија. Дополнително, се воведува и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници што по воздушен или копнен пат, директно или индиректно пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија“, соопшти Заев.

Министерството за здравство исто така соопшти дека на утринскиот состанок, Комисијата за заразни болести усвои нова мерка – 14 дена самоизолација за сите граѓани кои во земјава со директни летови ќе дојдат од Велика Британија.

Оваа нова предлог рестриктивна мерка, за влез во земјава, како што се посочува, ќе биде предложена на Главниот координативен штаб, а е донесена превентивно по информациите дека нова мутација на коронавирусот, се шири во Англија и според првичните епидемиолошки анализи е позаразна.

Комисијата за заразни болести засега не ја разгледува опцијата да предложи дополнителна мерка – како задолжителен ПЦР тест за влез во нашата земја, односно да предложи рестриктивна мерка за влез или излез од земјава, истакнуваат од Министерството за здравство и апелираат до сите граѓани кои патуваат да ги почитуваат здравствените протоколи, како задолжително носење заштитна маска во автомобил или друго превозно средство, а превозниците да ја почитуваат мерката за бројот на патници се со цел заштита на здравјето на граѓаните.