МЗ: Филипче формираше комисија за надзор на стручната работа во болницата во Струга
Министерот за здравство Венко Филипче денеска донесе решение за формирање Комисија за вршење на надзор на стручната работа на Општата болница во Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката Ј.В.
Комисијата, која е составена по барање на министерот, како што соопшти Министерството за здравство, има пет члена и има задача да изврши надзор над стручната работа на Општата болница во Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката. За извршениот надзор Комисијата во рок од осум дена од денот на завршување на надзорот над стручната работа треба да достави извештај до Министерството за здравство.
Министерот Филипче бара од Комисијата извештајот задолжително да содржи констатирана состојба, евентуални недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита. Членовите на Комисијата формирана од Филипче, треба да дадат стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можни последици по здравјето на пацинетот и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоци или прпопусти и рокови за нивно отстранување, стои во соопштението.
Инаку, денеска „Слободен печат“ јави дека пациентката Веапоска родила женско дете, а докторот Мухамед Асани пишал дека ја породил со машко дете, што можеше да се види од документите од Лекарската комора, која пак не најде одговорност кај лекарот.
Подоцна, од Лекарската комора во однос на објавената информација дека докторот Мухамед Асани ја породил Веаповска со машко дете, испратија објаснување.
„Во составувањето на извештајот од стручниот надзор е направен технички пропуст при наведувањето на полот на детето. Нагласуваме дека во целокупната медицинска документација, е заведена точниот податок, односно дека Веаповска родила женско дете. Си извинуваме за настанатиот пропуст и апелираме, да не се дава погрешен контекст на настанатите и објективно да се информира јавноста”.
Јлдиз Веапоска, при породувањето остана без три органи, откако поради компликации ѝ биле извадени матката, бубрег и јајник.
Лекарот кој ја породуваше д-р Мухамед Асани е директор на струшката болница, кој продолжи да ја извршува функцијата, иако беше откриено дека тој работи и во приватна ординација во неговата куќа, која не е пријавена, односно работи на диво.