МЗ демантира дека Комисијата за заразни болести била против отворање на границите


Фото: Б. Грданоски

Министерството за здравство преку соопштение целосно ги демантира и смета дека се невистинити објавените написи во врска со тоа дека Комисијата за заразни болести не препорачала отворање на границите.

На состанокот на 22 јуни Комисијата за заразни болести донесе одлука за препорака за отворање на границите и таа одлука заедно со другите одлуки и препораки за отворање на економски субјекти се доставени до Владата на Република Северна Македонија, информираат од Министерството за здравство.

Комисијата за зaразни болести воопшто не ѝ предложила на Владата датум за отворање на границите и аеродромите без тестови и задолжителен карантин, пишува САКАМДАКАЖАМ.МК. Членовите на комисијата биле изненадени од синоќешната владина одлука за отворање на границите од петок, а аеродромите од идната среда. Исто така, комисијата не препорачала датум ниту за отворање на теретаните, како и за внатрешноста на кафеаните, како едни од најризичните места за пренос на коронавирусот, поради високите бројки на новозаразени.

На прашање дали е вистина дека Комисијата за заразни болести на Владата ѝ предложила датум за отворање на границите и аеродромите, без никакви рестрикции д-р Жарко Караџовски, претседател на комисијата, кусо одговори: „За тоа ќе го прашате премиерот.“, пишува порталот.