МЗ: 67 отсто од новите случаи и 85 отсто од хоспитализираните со КОВИД-19 се невакцинирани


Фото: Б. Грданоски
Од 6 август заклучно со вчерашниот ден на територија на државата вкупно 66.857 граѓани се позитивни, од тестирани на КОВИД-19. Од нив 33 проценти биле целосно вакцинирани, односно 21.806 лица.
Според статистика на Министерството за здравство за изминативе недели, 45.051, граѓани, односно 67 отсто од позитивните на КОВИД-19 не биле вакцинирани.
За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Од Министерството соопштија дека е голем бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со КОВИД-19. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 85 отсто, додека 15 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
-Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до 23 декември на територија на државата починале 2.362 лица со КОВИД-19, 1.850 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а 21 процент примиле вакцина, соопштија од МЗ.
Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на Модерна и Џонсон.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, и апелира до граѓаните да се вакцинираат. Само така, како што посочија, ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.