„My Name Is Goran Stefanovski“- Драмски театар со нова премиера во март


Во Драмски театар во Скопје денеска почнаа пробите за новата претстава „Моето име е Горан Стефановски“ чија премиера е закажана за 26 март годинава.

Режисер на претставата е Бранислав Миќуновиќ, драматург е Бранислава Илиќ, сценограф Александар Дениќ, костимограф Розе Трајчевска, а авторската музика е на Влатко Стефановски.
Улогите во претставата ги толкуваат: Билјана Драгиќевиќ – Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ и Дамјан Цветановски.

Роден во Битола, на 27-ми април 1952-ра година, Горан Стефановски останува еден од најпознатите и признати македонски академици, писатели, професори и драматурзи. Автор е на многу текстови и драми, меѓу кои и „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија, „Бушава азбука“.