МВР: Зајакнати контролите, запленети над 2500 пиротехнички средства


Единиците за внатрешни работи во соработка со Државниот пазарен инспекторат вчера од 10 до 16 часот на подрачјето на СВР Скопје извршија контроли на трговија и употреба на пиротехнички средства.

Како што соопшти МВР, реализирани се контроли на 18 пазари, три паркови, шест трговски центри, 12 крстосници и 13 маркети. Во текот на контролите, Бит-пазар се пронајдени и одземени вкупно: 2532 парчиња петарди, четири парчиња огномет, две петарди-бомба, две парчиња Мр-30 панда, две парчиња тандер флеш и 16 парчиња ракети.

– По преземените дополнителни мерки и активности на наведените локации се констатирани вкупно 43 прекршоци од Законот за заштита на населението од заразни болести за носење на лична заштита на лицето, а од страна на Државниот пазарен инспекторат изречени се две мерки по чл.2 од Законот за трговија на подрачјето на Гази Баба. За време на преземањето на мерките и активностите, лишени се од слобода две лица –  Ќ.Ш.(30) по чл.15 од Законот за лична карта и А.А.(23) по распишана телеграма, соопшти МВР.

Министерството информира дека контролите се прават поради наближувањето на новогодишните и божиќните празници и за да се подигне свеста кај граѓаните во врска со опасноста и можните последици кои може да настанат од неконтролирана употреба на пиротехничките средства, од нестручно и невнимателно ракување од  малолетни лица, од несоодветно транспортирање и чување.

Контролите се прават и во однос на санкционирање на недозволената трговија од страна на физички и правни лица со пиротехнички средства и други запалливи средства и распрскувачки материјали, без поседување одобрение за тргување, со кои се нарушува мирот и безбедноста на граѓаните и имотот.