МВР сам себе ќе си води истрага за упадот во магацинот на Заеви


Од МВР информираат дека синоќа во 22.30 часот на струмичката улица Ѓорги Трајков од страна на полициски службеници, кои го контролирале почитувањето на полицискиот час, биле затекнати 11 лица и поголем број пакети со непозната содржина.

Од страна на полицајците лицата биле легитимирани по што било утврдено дека некои од нив поседуваат дозволи за движење издадени од здружението за хуманитарни цели „Сите заедно можеме“, а други, пак, поседувале известување издадено од Општинскиот штаб за заштита и спасување.

„По овластување на дежурен јавен обвинител, извршен е увид на местото на настанот од страна на екипа при СВР Струмица и со потврда за привремено одземени предмети се одземи предметните дозволи и известувања со цел проверка на нивната веродостојноста“, информираат од МВР.

Јавниот обвинител издал наредба полицајците да ги обезбедат пакетите со непозната содржина сè до моментот на доставување на целокупната документација за нив од страна на здруженито „Сите заедно можеме“.

Денеска, во врска со настанот, три лица биле повикани на разговор во СВР Струмица по што си заминале.

„Во моментот се работи на целосно расчитување и документирање на случајот во координација со ОЈО Струмица“, велат од Министерството.

Од таму додаваат дека со цел да се утврди дали полициските службеници постапиле во согласност со правилата и процудурите, од страна на одделот за внатрешна контрола, ќе бидат преземени мерки и соодветно ќе биде информирана јавноста.

Ваквото образложение на МВР следува кога претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на „Фејсбук“  обвини ека ВМРО-ДПМНЕ преку полициски структури попречува хумантирна помош за граѓани преку злоупотреба на државни институции.