МВР: Расчистен случајот со објавеното видео со палење на македонското знаме на тик-ток, профилот бил на 14-годишник од Тетово
Полицијата го расчисти расчисти случајот поврзан со видео објавено на социјалната мрежа „ТикТок“, на која се гледа палење на македонското знаме, со што е сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“. Станува збор за малолетно лице под 14-годишна возраст од Тетово кој го објавил овој чин на својот профил. Со согласност на родителот, за потребите на постапката и фотодокументирањето на доказите, обезбеден е мобилниот телефон од кој било поставено видеото. Во текот на службениот разговор, малолетникот посочил уште три малолетни лица кои учествувале во настанот. Тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица за целосно расчистување на случајот.
-Секторот за внатрешни работи Тетово – Одделението за компјутерски криминал, во координација со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, целосно го расчисти случајот поврзан со видео објавено на социјалната мрежа „ТикТок“, на која се гледа палење на македонското знаме. На 22.09.2026 година, при мониторинг на социјалните мрежи, полициски службеници детектирале видеообјава со содржина со која е сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“, предвидено и казниво по член 319 став 1 од Кривичниот законик, информираат од МВР.
По преземените оперативни мерки и активности, на 23 септември бил утврден идентитетот на авторот на профилот кој е малолетно лице под 14-годишна возраст од Тетово.
– Во просториите на полицијата, во присуство на родител и претставници од Центарот за социјална работа Тетово, со малолетникот е извршен службен разговор, при што тој го признал делото. Со согласност на родителот, за потребите на постапката и фотодокументирањето на доказите, обезбеден е мобилниот телефон од кој било поставено видеото.
Во текот на службениот разговор, малолетникот посочил уште три малолетни лица кои учествувале во настанот. Тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица за целосно расчистување на случајот, велат од МВР.
По целосното документирање на предметот, до надлежното Основно јавно обвинителство Тетово ќе биде поднесен соодветен поднесок.