МВР правело претрес за изборен поткуп, но не пронашло докази


Министерството за внатрешни работи правело претрес во Шуто Оризари кај вработен во Одделението за управни работи во МВР, но не пронашло докази за делото поткуп при избори и гласање, соопшти министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Претресот, вели министерот, бил направен во координација со обвинителството, откако се појавил видеоклип со наслов „Организиран поткуп на гласачи од структури на МВР и пратеници на СДСМ“. Вработениот во МВР, со иницијали Ш.Е. бил идентификуван од видеото и потоа бил направен претрес во домот и разговор со него во врска со изборен поткуп.

„При извршениот претрес не се пронајдени предмети по основ на кривично дело по чл. 162, но од страна на друго лице А.В. кој што исто така е на видеото, приложен е список од околу 20 лица со име презиме, матичен број адреса и телефонски броеви рачно пишувани на обични листови од училишни тетратки. Согласно информациите добиени од страна на СВР Скопје, лицето Ш.С. дало известување дека пред да биде вработен во МВР бил активист на невладина организација која што во рамките на владата имала проект за донации на граѓани од ромска припадност кои што се од загрозена група граѓани и за таа цел наводно правел список со цел да биде дадена донација“, вели Чулев.

Министерот вели дека полицијата во координација со обвинителството ќе продолжи да презема активности за да го расчисти случајот и ќе поднесе соодветен поднесок.

Чулев најавува дека МВР ќе ги засили активностите за да ги спречи сити форми на изборен поткуп и притисок врз гласачите, а со ДИК подготвуваат едукативен материјал за да ги информираат граѓаните за казните кои се предвидени за изборни нерегуларност.