МВР поднесе кривична пријава против седум лица поради бесправно градење во Свети Николе


 Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против седум лица поради сомнение дека сториле кривично дело „бесправно градење“.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пријава е поднесена против правно лице од Свети Николе, В.Б.(42) од Свети Николе, Д.С.(69), К.С.(40) и Ј.Т.(69), тројцата од Скопје и В.Г.(53), Д.Ј.(53) и Б.С.(65), тројцата од Свети Николе

-Во текот на 2012 година, правното лице преку одговорното лице В.Б. ги поттикнал проектантите Д.С. и К.С. да постапат спротивно на Законот за градење, односно да изготват проект за градба на улица „Пионерска“ во Свети Николе спротивно на Деталниот урбанистички план и да изготват анекс на основниот проект. Ј.Т. извршил ревизија на основниот проект, постапил спротивно на Законот за градење и потврдил дека проектот е изготвен согласно Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање. Службените лица Д.Ј. и В.Г. од Секторот за урбанизам, комунални работи, сообраќај и заштита на животната средина ги пречекориле службените овластувања и издале одобрение за градење, се вели во соопштението.

Од МВР информираат дека во 2015 година поради нов ДУП, службените лица Д.Ј. и Б.С. издале Одобрение за адаптација, спротивно на Правилникот за урбанистичко планирање со што биле нарушени и одредбите за паркирање.

Со наведените дејствија, од Министерството додаваат дека пријавените овозможиле правното лице да се стекне со недвижен имот – деловен простор во површина од 101м² и еден кат од 126м² во вкупна вредност од 10.393.500 денари.