МВР: Од утре изменето работно време на отсеците за управни работи

Во насока на почитување на заклучоците, мерките и препораките на Владата, а со цел превенција од ширење на коронавирусот, Отсеците за управни работи и Одделението за управни работи Скопје во состав на Одделот за граѓански работи при МВР, започнувајќи од утре, среда ( 18 март.) ќе работат со изменето работно време.

Како што соопшти МВР, со наредба од страна на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, отсеците за управни работи Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица, Тетово, Штип и подрачните едицини под нивна надлежност, ќе работат во една смена во периодот од 07:30 до 16:30 часот. Во Одделението за управни работи Скопје, работното време е организирано на следниот начин: за пунктовите во МРТВ, „Беко“ и Ѓорче Петров работното време ќе биде во периодот од 07:30 часот од 18:00 часот, додека пак за пунктовите во Бутел и Драчево работното време ќе почнува во 10:00 часот се до 18:00 часот.

-Сите граѓани што веќе имаат добиено термини за аплицирање надвор од ново утврденото работно време, ќе можат да се фотографираат и поднесуваат апликации во рамки на работното време во датумите на кои што им се закажани термините, наведуваат од МВР.

Воедно, МВР апелира граѓаните да го редуцираат доаѓањето на шалтери во Министерството, освен ако немаат итна потреба, да користат телефонска и е-маил комуникација за добивање информации, а МВР по завршување на настанатата состојба со ангажирање на сите свои ресурси ќе овозможи навремено остварување на граѓанските права по однос на вадење лични документи, стои во соопштението.