МВР му додели признание на директорот кој го смени
Со полагање цвеќе на спомениците на загинатите припадници на полицијата и доделување благодарници на најуспешните Министерството за внатрешни работи го одбележа Денот на македонската полиција.
Благодарници им беа врачени и на амбасадорите на земјите чии полициски припадници помагаат во обезбедувањето на јужната граница, но и на претставници на месната заедница Ласкарци, односно на дел од жителите кои бескомпримисно ги спасуваа заробените патници од автобусот кој слета во провалија на 13 февруари и зеде 15 жртви.
Освен благодарници плакети им беа доделени и на припадниците на Единицата за специјални задачи, но и на раководители на сектори кои спровеле успешни акции. Меѓу нив беше и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски кој беше сменет по аферата со службениот полициски џип и беше назначен за началник на одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му додели признание за успешно спроведената акција „Пасош“, во која беше разбиран криминална група која изработувала фалсификувани бугарски пасоши, лични карти и патни исправи.
Спасовски го разреши Велковски откако беше обелоденето дека ја пратил својата ќерка на одмор во Евридики со полицискиот џип „ренџ ровер дискавери спорт“, а налогот за патувањето го потпишал самиот. Во својот исказ, Велковски потенцирал дека ангажирањето на службеното возило го направил од крајна нужност, бидејќи имал закани кон него и неговото семејство, а дента бил ангажиран на обезбедување на прославата на 2 август. Сепак досега не беше утврдено кој го следел и снимал возилото во кое се возела ќерката на Велковски. На местото на Велковски за директор на БЈБ беше назначен Сашо Тасевски, поранешен телохранител на премиерот Зоран Заев.
На обележувањето на денот на полицијата присуствуваше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, амбасадори од многу земји, обвинителите од Специјалното јавно обвинителство, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.
Во поздравниот говор министерот Спасовски порача дека и покрај големите предзивици кои беа резултат на негативното искуство од минатато, денес МВР ги има контурите на институција која претставува заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната сигурност и безбедност.
„Ги отворивме вратите на институцијата која претходно беше недопирлива. Транспарентноста, отчетноста и одговорноста се прифатени правила на работење во МВР. Ги поставивме новите рамки на визијата за полицијата како реален сервис на граѓаните и пред нас допрва се поставуваат нови, исто така, важни задачи и цели чија имплементација и операционализација ќе донесе објективни професионални стандарди и вредности во чија основа стои владеењето на правото“, рече Спасовски. (Ф.Ф.С.)